100 години фудбал во Прилеп

НА ОВОЈ СТАДИОН Е ПОДВИГОТ НА ПРИЛЕПСКА ПОБЕДА!

Денеска (22 април) се навршуваат точно 60 години од најголемиот успех на Победа, пласманот меѓу осумте во Купот на некогашна Југославија. По низата победи, второлигашот Победа на 22 април 1964 во Мостар успеа да го совлада прволигашот Вележ со 4:3, со два гола на Томе Јакимоски, по еден на Борче Ангелески и Живко Ѓорѓиоски. Прилепскиот тим беше единствен македонски претставник во друштво на Црвена звезда (Белград), Пролетер (Зрењанин), Н. Сад, Олимпија (Љубљана), Партизан (Белград), Будуќност (Подгорица) и Динамо (Загреб).

– Мостарците ги викаа „родени“, како родени за фудбал. Но, ние не кренавме раце да се предадеме. Дадовме над можностите. Беа опасни по крилата, но сум задоволен како одбранив. Немаше слабо место во тимот. По мечот ни рекоа: „Вие сте за Прва лига“ – се сеќава Круме Митрикески, голманот.

Мечот е со пресврти. Поведуваат домашните преку Барбариќ, израмнува Јакимоски, возвраќа Шариќ, пак на сцена Јакимоски, по него Ангелески, третпат израмнување со Ханџиќ, а победата е во 75. минута со Ѓорѓиоски. Кога загрепскиот судија Стрмечки отсвирува крај, домашните меѓу себе се караат, а потоа честитаат на победниците.

– Големата радост ја заслуживме со добра игра. Бевме потценети. Тренерот, професор Илија Игнатоски, советуваше да не се чувствуваме така. Секој може да победи во фудбалот. По успехот, доживеавме прекрасен пречек во Прилеп, во градот кој живееше за фудбал – се присети Борис Дамјаноски, десен халф.

Славниот Вележ потклекнува пред 12 прилепски јунаци: Круме Митрикески – Иван Гарбески, Живко Нешкоски, Борче Ангелески, Кирил Анески, Методија Крстески – Кирил Атанасоски, Борис Дамјаноски (46. Гога Лашкоски), Томе Јакимоски, Симон Велкоски, Живко Ѓорѓиоски. Тремата исчезнува кога по 20 минути гледаат дека се рамни на домаќинот.

– На полувреме тренерот вели: „Нападнете, не само да се браните!“ Не убеди дека можеме. Бргу дадовме гол, добивме крилја. Репрезентативниот голман Ќурковиќ се растури од бранење, а му дадовме четири гола. Митрикески излезе подобар. Кога се вративме, само се преслековме и правец Отешево, на подготовки за Динамо – рече Иван Гарбески, десен бек.

Во четвртфиналето Победа отпадна од загрепски Динамо, пред 15 илјади гледачи во Прилеп.

 

 

 

 

Од категоријата

ПРИЛЕПСКА ПОБЕДА НА СТАДИОНОТ „МАРАКАНА“!

Зоран Иге

ПРЕД ДА КАЖЕ ЗБОГУМ – ОДБРАНИ ЧЕТИРИ ПЕНАЛИ!

Зоран Иге

БЕСПЛАТНА ТРИБИНА ВО ПРИЛЕП

Зоран Иге

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе