100 години фудбал во Прилеп

ПОБЕДА ЈА ИЗБЕГНА СУДБИНАТА НА МАНЧЕСТЕР

На 6 февруари 1958 година се случи авионска несреќа во која загинаа фудбалери на славниот англиски клуб Манчестер јунајтед, а 15 години подоцна прилепска Победа ја избегна истата судбина.

Што се случи? Беше вторник, 11 септември 1973, ден пред првенствениот натпревар од Втората југословенска лига во Титоград (денешна Подгорица), помеѓу Будуќност и Победа. ЈАТ-овиот авион „Каравела“ леташе на релација Скопје – Титоград. Околу 10 часот удри во врвот Бабин Зуб. Загинаа сите 36 патници (меѓу нив прилепчанецот Кире Јанчески) и шесте члена на екипажот. За голема среќа, фудбалерите на Победа не беа во авионот, а требаше да бидат.

Зошто Победа не отпатува за Титоград со авион, туку со автобус? Причина е еден фудбалер, Живко Ѓорѓиоски, кој се пријавува доброволно да не патува со авион, туку сам со автобус, бидејќи секретарот Бајо Велкоски резервирал 23 билети, а се пријавиле 24 патници од клубот.

Еве ја дискусијата во клубот околу одлуката:

– Што другари ќе бидеме, ние со авион, а тој сам со автобус.

– Дајте да го прашаме Мината (Благоја Миноски, претседател на клубот).

Разговорот по телефон:

– Благоја, дали дозволуваш, наместо со авионот, да патуваме со автобус?

– Не треба да ме прашувате. Тргнувајте како сте намислиле!

Во Прилеп речиси сите знаат дека Победа патува со авион. На попладневните вести на Радио Скопје се чита фаталната вест: авионска несреќа кај Титоград. Прилепчани, страсни фудбалски вљубеници, претходните денови беа информирани дека Победа ќе патува токму со тој авион, па се во тага – зарем е можно да загубиме цел клуб? Тренерите Кирил Анески – Тумано и Методија Крстески – Каше, фудбалерите Ѓ. Димовски, Попев, Дрвошанов, Ѕвездоски, Штаргоски, Мечев, Николоски, Ж. Ѓорѓиоски, Г. Момироски, Магдески, Г. Манески, Р. Глигороски…

А во тие моменти Победа со автобусот пристигнува во Титоград, пред хотелот „Подгорица“. Никој од домашниот клуб не ги пречекува гостите. Само рецепционерот од хотелот излегува.

– Добро бре шефе, каде се луѓево да не пречекаат, да се сместиме?

– Сите се на аеродром. Чекаат информации за Победа. Знаете за авионската несреќа…

– Која авионска несреќа, каква Победа? Ние сме Победа!

Од категоријата

ПЕШКИ 30 КИЛОМЕТРИ ЗА ТОЈ ФУДБАЛ!

Зоран Иге

ПРВАКОТ НЕ БЕШЕ ЧУДНО ДА ПРИМИ И 5 ГОЛА ВО ПРИЛЕП!

Зоран Иге

ПОБЕДА ГУБЕШЕ 1:0, ПА ПОБЕДИ 8:1!

Зоран Иге

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе