Министерот за спорт Борко Ристовски во интервју за порталот „Плусинфо“ зборува за реализираните активности и проекти и за плановите и програмите на Министерството за спорт за наредниот период.
Во прилог Ви пренесуваме дел од изјавите на министерот Ристовски.
Целото интервју е подолу
-Со сигурност можам да кажам дека до крајот на четиригодишниот мандат, кој што во моментов го имаме како Влада, ние ќе прокнижиме многу повеќе спортски успеси, отколку што имало во изминатата деценија, бидејќи пристапот е сега поинаков, некоруптивен и систематски, истакнува министерот за спорт Борко Ристовски во интервјуто за порталот „Плусинфо“.
– Најпрвин политичката заинтересираност за спортски успех е на едно друго ниво од претходно. Претходно спортот се користеше за испумпување пари преку клубови, федерации и спортисти, сега тоа не е така. Институциите ја вршат работата да контролираат и не дозволуваат такви работи, а она што е уште поважно е дека сега средствата завршуваат како инвестиција во успехот. Федерациите добија нови раководства, а тие раководства добија партнер во нас како министерство, партенер кој знае да ги послуша и да ги спроведе заеднички политики кои целат кон успех. Напредуваме во тимските спортови, напредуваме во индивидуалните спортови, а она што е уште поважно е дека вградуваме спортски менталитет кај учениците уште во најрана возраст. Медали, успеси и шампиони сигурен сум и очекувам да гледаме сè повеќе и повеќе во блиска иднина и на долг рок, но наш најголем успех е што децата од мали почнуваат да стекнуваат спортски навики – вели Ристовски.
По години стагнација и недостиг од системска грижа, спортот повторно станува државен приоритет. Министерството за спорт формирано по трансформацијата на поранешната Агенција за млади и спорт, започна со реализација на конкретни проекти насочени кон обнова на спортската инфраструктура, поддршка на младите таленти и воспоставување фер и транспарентен систем на финансирање.
Министерството за спорт во својата програма става посебен акцент на спортската инфраструктура.
-– Кога зборуваме за спортот и спортска политика, мора да почнеме од основата. Без соодветна инфраструктура, во импровизирани и супстандардни услови, не може да се очекува ни развој, ни резултати. Во изминатите години спортот беше оставен без системска грижа. Затекнавме сали и терени во лоша состојба, заглавени проекти, објекти претворени во руини и спорт во стагнација.
Затоа инфраструктурата ја поставивме како стратешки приоритет. Со поддршка од Владата, значаен дел од нашите активности и инвестиции ги насочивме кон реконструкција на постојните објекти и изградба на нови спортски капацитети. Ова е процес што не дава резултати преку ноќ, но е неопходен и треба да се спроведе ако сакаме долгорочни, одржливи промени и позитивни спортски резултати.
-Како Министерството за спорт, работиме во таа насока – да создадеме современа функционална спортска инфраструктура. Затоа се зафативме со реконструкција на постоечки сали и изградба на неколку нови, со санација на базените што беа почнати пред 5-6 години и оставени како заглавени проекти, со изградба на нови мултифункционални спортски објекти. Во изминатава година и пол, изградивме и реконструиравме над 40 мултифункционални игралишта низ целата држава, го откочивме процесот за изградба на базените, отпочнавме со реконструкција и изградба на неколку сали. Дел од тие објекти денес веќе се користат што е најдобар показател дека работите конечно се движат во вистинска насока – посочува министерот за спорт, Борко Ристовски.