Пред три недели беше одреден распоредот на натпреварите за претстојното првенство од Супер лигата на Македонија во ракомет за мажи, но тој распоред не е и конечен. Мора да има измена, по вчерашното соопштение на екипата Пролет од Скопје, во кое таа поради финансиски причини (завршување на договорот со главниот спонзор Тинекс) се откажува од Супер лигата и најавува учество во подолниот ранг, Првата лига. Што ќе се случи со испразнетото место во Супер лигата? Кој ќе биде тимот што ќе стане суперлигаш, ривал на Прилеп? Според распоредот, Прилеп дома со Пролет требаше да игра во 5. коло, на 3 или 4 октомври. Засега неколку екипи се спомнуваат како можни кандидати за пополнување на суперлигашкото место, а најмногу шанси и се дава на Струга, тим што во бараж-дуел го загуби суперлигашкиот статус.
Првенството од Супер лигата почнува на 5 септември, а 11 екипи-членки се: Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 (Битола), Тиквеш (Кавадарци), Младост (Богданци), Бутел, Вардар, Мулти есенс и Алкалоид (Скопје), Охрид, Куманово и Прилеп.