Есента 1979 година екипата на Победа во Втората југословенска лига – Исток ја води тренерот Михајло Самарџиќ. За него се зборувало дека имал работено во големи клубови, дури и во холандскиот Ајакс. Можеби затоа многу посветувал внимание врз физичката подготвеност, одлика што во тоа време ги красело холандските екипи. Така во Победа работел уште со првите тренинзи. Навивачите коишто присуствувале на тие тренинзи, сведочат дека барал од играчите да се качуваат и слегуваат скала по скала до врвот и надолу од големата трибина. Дел од тие играчи се противеле на овие несекојдневни задачи. Притоа почнале да се шират муабети дека тој тренер не поседувал соодветна диплома за тој ранг натпреварување. Поради сето ова, Самарџиќ бил приморан да покаже каква диплома поседува за да се смират страстите. Токму таа диплома е сочувана и до денес, благодарение на новинарот Драгољуб Драги Башески, така што можеме да ја покажеме пред јавноста.
Михајло Самарџиќ тренер во Победа е само есента 1979, потоа него го наследува Методија Крстески, а последните пролетни месеци од 1980 ги одработува Александар Гвозденовиќ.