Можеби во Прилеп кога се спомнува Кире Иваноски веднаш не се знае точно за кого станува збор оти неколкумина има со исто или слично име и презиме, но доволно е да се каже прекарот Балче и потоа нема дилеми – тоа е оној човек којшто се закани со самозапалување ако Фудбалскиот клуб „Победа“ не учествува во пролетниот дел од второлигашкото првенство, па така издејствува најсаканиот прилепски клуб да биде активен до крајот на претходната натпреварувачка сезона.
Во пресрет на следната сезона, овојпат третолигашка и именувана како Централен фудбалски регион 4, Балче, како предводник на навивачката група „Борини“ за нашиов медиум ја даде следната изјава:
„Без разлика на тоа што претходно се случи, отпаѓањето во третолигашкиот ранг, наш омилен клуб и натаму е ФК Победа. Летните денови одминуваат и летниот период бргу ќе заврши, а подготовките секој на свој начин си ги обавува. Конкретно, сакам да истакнам дека нашите навивачи, мојата навивачка група „Борини“ и Здружението на телесни инвалиди од Прилеп, нова навивачка група што ние ја негуваме од понов датум, од минатата година, имаме активности. Сега, во овој летен период, кога ние сме во активности, повикуваме и другите фактори, т.е. секој што е меродавен, да помогне за да продолжи животот на нашата Победа. Конкретно, ние навивачиве, нашиот начин на придонес кон опстојувањето на Победа е во нашата работа на објектот Градски стадион „Гоце Делчев“ во соработка со ЈКП „Комуналец“ и ЈКП „Водовод и канализација“. Прво е чистењето на теренот, наводнувањето на зелената површина, па средувањето на соблекувалните, така што правиме се да биде во убав сјај пред почетокот на новото првенство. Во тој правец ја поддржуваме идејата кабина за инвалиди-количкаши на трибината од стадионот и затоа со ова е запозната ФФМ предводена од претседателот Масар Омерагиќ и потпретседателот Марјан Стојковски – Манта. Имаме готов проект, којшто може веднаш да се реализира со помош на Општината. Ние, како најприврзани навивачи, чекаме разврска и околу сопствеништвото на Победа, дел кој веруваме дека успешно ќе се заврши. Впрочем, ние како навивачи, се ќе направиме што е неопходно, за клубот да биде најподготвен за почеток на идното првенство во третолигашката конкуренција – Регион 4. Ние очекуваме таа третолигашка конкуренција да ја „претрчаме’, т.е. нас не интересира само првото место и влезот во второлигашкото друштво да се случи веднаш, најбрзо што е можно.“