Денешниов е 12-ти и последен ден од Светското младинско шаховско првенство во Монтесилвано, Италија, каде во разни возрасни категории учествуваат петмина млади шахисти од Македонија. Меѓу нив, во категоријата до 18 години, е 17-годишниот прилепчанец Никола Павлески. Тој во 10. коло со црни фигури изваде реми со Словакот Бартоломеј Сакал, а денеска во последното коло коешто почнува час и половина порано отколку изминатите денови (од 13.30 часот), Павлески игра со Италијанецот Леонардо Маљони. На табелата Никола Павлески со 4,5 поени е на 80. место, додека Леонардо Маљони со 4 поени е на 92. место. Лидер на табелата е ИМ Антони Атанасов од Канада со 8 поени.
Другите македонски претставници: ФМ Моника Жежовска од Скопје (женски до 18 години) со 5 поени е на 47. место, Кристијан Кавазов од Гевгелија (до 16) со 4,5 поени на 103. место, Даниел Стеваноски од Скопје (до 14) со 4 поени на 105. место и Наде Смилевска од Битола (женски до 16) со 3 поени на 100. место.