Во недостиг на информации за Фудбалскиот клуб Победа, добредојден е секој што во овие летни денови има да каже нешто во врска со најсаканиот прилепски спортски клуб. Таков е спортскиот менаџер, агент Сашко Попоски, сопруг на Јана Мицковска – Попоски, сопственичка на 70 насто од клупските акции, мнозински акционер на ФК Победа АД од Прилеп. Подолу е разговорот.
-Сегашниот Фудбалски клуб Победа АД ќе продолжи, ќе работи. Значи, собираме луѓе коишто се способни да работат, правиме тим којшто ќе собере сили за да го организираме клубот и фактички да го реорганизираме, за да почне да се вклучи во Третата лига. Се надеваме дека со сите прилепски фудбалери што ќе ги собереме, ќе одиграме во Третата лига, ќе биде се како што треба и – ќе влеземе во Втората лига. Прво треба да се организираат техничките работи, да се организира клубот однатре, да се средат сите финансиски средства, сите финансиски проблеми и криминали коишто се направени во изминативе години. Ќе бидат алармирани и Финансиската полиција и сите институции за да можеме да работиме. Вака повеќе не бива.
Како гледате на формирањето нов клуб?
-Доколку се формира нов клуб, тој може да се формира, секој има право да формира нов клуб, вклучувајќи ги таму фудбалските работници од Прилеп. Меѓутоа, ќе си почнат од нула, ќе си градат своја база, дали ќе играат на Градски стадион или на Могила тоа не е наше прашање. Ние ќе поставиме барање до градоначалникот на Општина Прилеп. Впрочем, ние му пишавме писмо двапати, со барање да не прими и се надеваме дека во најбрз рок ќе бидеме примени кај него. Бараме да му дозволи на нашиот клуб да продолжи да го користи и натаму Градскиот стадион во Прилеп, да биде клубот таму каде што му е местото. Таму му е местото, таму се натпреварувал со години. Доколку таму не ни биде дозволено, ние ќе побараме друг терен, на Могила, кај Типските куќи, а можно е и во Битола да побараме ако има потреба. Значи, ние се реорганизираме.
Во каква ситуација е оваа Победа?
-Има луѓе заинтересирани, дури и од странство, коишто сакаат да го купат клубот. Доколку го купат, ќе биде јавноста известена. Веќе сме во преговори со спонзори од странство. Доколку ги завршиме работите, ќе има наше благовремено известување. Меѓутоа, во оваа ситуација, со овие долгови во кои се наоѓа Победа, задолжувања во кои ние како акционери не учествувавме, туку учествуваа тие што беа во претходните години. Тие го задолжиле клубот, несовесно работеле, така што ќе пробаме давајќи се од себе, со луѓето коишто ја сакаат Победа. Значи, со локални спонзори, со локални фирми, со локални компании, со локални луѓе коишто му мислат добро на клубот, да пробаме да го спасиме за да продолжи. Запомнете една работа – овој фудбалски клуб којшто е во наша сопственост е носител на шампионските титули, носител на Купот на Македонија, и ниеден клуб – нов субјект, не може да биде наследник на тоа, доколку ние не се согласиме. А ние не се согласуваме со тоа. Значи, којшто сака може уште утре да си формира нов клуб, како што се формираат локални клубови, ама Победа Прилеп АД не е дел од таа прикаска.
Спонавте долгови, за каква сума станува збор?
-Сумата е 300.000 евра, како што соопшти градоначалникот Дејан Проданоски, на гостувањето во „Добро утро, Македонијо“, на ТВ Канал 5.
Имавте ли комуникација досега со прилепскиот градоначалник?
-Имам барање за да бидам примен кај него. Тоа писмено барање е доставено и очекувам многу скоро да бидам примен. Би сакал да најдеме начин како да функционираме во иднина. Во интерес на клубот, во интерес на јавноста, симпатизерите на клубот. Да не заборавиме, дури имаше и таков којшто сакаше да се самозапали за Победа.
Како Победа се одржа во последнава полусезона?
–Најнапред благодарност до градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, и до луѓето коишто овозможија претходните 6 месеци клубот да опстане. Тука се дел од навивачите на клубот, луѓето околу клубот, тие што го управуваат. Благодарност и до играчите и до шефот на Стручниот штаб коишто се најзаслужни што клубот остана да се натпреварува во Втората лига. Отпадна во Третата лига, ама тоа е како и секаде, некогаш сте горе, некогаш долу. Ние се залагаме да остане и натаму да се натпреварува овој клуб.
Вие како семејство сте сопственици на ФК Победа АД, бидејќи Вашата сопруга има 70 насто од акциите, но не ве гледавме во клубот воопшто?
–Ние не го презедовме раководењето на клубот иако сме сопственици. Претходно Благоја Гешоски сам си даде оставка, само од нему познати причини. На негово место е следниот, Филип Илиоски. Благодарност до Филип Илиоски, што останува да го држи клубот. Заедно со навивачите, заедно со помошта од градоначалникот.
Можни инвеститори?
–Еве сега сме во преговори со потенцијални инвеститори од Русија, од Австралија, но се додека не се договориме, не објавуваме во медиумите. Ние мораме да се реорганизираме со помош на Локалната самоуправа и со помош на љубителите на фудбалот од Прилеп. Идејата е овој клуб да продолжи да функционира, Работиме за да најдеме стабилен спонзор којшто би го одржувал клубот. Секако со поддршка на луѓето од Прилеп и со помош на Локалната самоуправа. Клуб не се одржува само со еден спонзор. Нам ни се потребни сериозни партнери.
Значи целта е Победа пак да е како некогаш?
-Луѓето во Прилеп треба да ја видат нашата чесна намера. Прилепчаните заслужуваат да имаат фудбалски клуб во Првата лига, затоа што срамота е ако Победа е третолигаш, а некои клубови од мали места се прволигаши.
И во најтешката криза, Победа е сакана од прилепчаните?
-Доколку ова што го замислуваме се остварува со Победа, човекот што се закани со самозапалување, Кире Иваноски – Балче, заедно со неговата фамилја ќе добие доживотен бесплатен влез во Градскиот стадион во Прилеп. Тој го спаси клубот Победа. Тоа е љубов. Таква љубов нема на светот, а има во Прилеп.
Јавноста во Прилеп е „гладна“ за информации поврзани со Победа?
–Веднаш по евентуалната средба со градоначалникот Дејан Проданоски, ветувам одржување прес-конференција во Прилеп. На таа прес-конференција ќе имам претставување на документи за кои јавноста досега не била запозната.