Со радост очекуваме секаква позитивна вест во врска со фудбалот во рамките на ОФС Прилеп, а таква, за среќа, е најновата денешна: реактивиран е фудбалски клуб. Станува збор за Фудбалскиот клуб „Слога 1976“ од Лажани. Одамна постои, а поради недоволен број фудбалери минатата сезона не зеде учество иако имаше стекнато статус, во Третата лига – Југ. Практично престана со активност некаде пролетта 2025 година, по претходно освоеното 10. место во третолигашката конкуренција. Оттогаш во сеќавање се играчите: Артин Мејдини, Насер Каришик, Нермин Каришик, Шабан Османоски, Адмир Угљанин, Емир Каришик, Фатон Ибраими, Филип Станојоски, Сермет Османоски, Алиџан Фазлија, Виктор Стојаноски, Реџеп Бајрамоски, Армин Потурак… Сега , со реактивирањето, планирано е учество во Општинската Б-лига на ОФС Прилеп. Со комплетиран играчки кадар, воден од тренерот Риjад Рамичевиќ.
Што се однесува до активностите во местото Лажани, најавено е второто издание на Меморијалниот футсал-турнир „Ернад Рамичевиќ / Бајро Потурак“, во чест и сеќавање на познатите фудбалери, некогашни членови на ФК „Слога 1976“ . Почетокот е на 6 јули, а сега е пријавувањето на екипите, чија оптимална бројка се смета дека е 32. Се очекуваат пријави од цела Македонија, како што беше лани, кога победник стана екипата составена од репрезентативци. Се игра на отворено игралиште од Спортско-рекреативниот центар во Лажани, секогаш пред повеќе илјади гледачи. Во организацискиот одбор на турнирот се луѓе со долг фудбалски стаж, како Ријад Рамичевиќ, Алмер Идризовиќ, Сеад Ахметовиќ и Наим Мустафоски.
