Можеби е чудно, а можеби кога станува збор за Прилеп и не треба премногу да зачудува – публика и на пингпонгарски меч. Не е преголемо изненадување затоа што покрај фудбалот, ракометот, кошарката, одбојката и други спортови, и пинг-понгот е омилен во овој град, бидејќи е спорт со долга традиција и со безброј освоени пехари, медали, титули… Денеска публика се очекува за најважниот трет меч „мајсторка“ од полуфиналната серија во Плејофот на Супер лигата на Македонија. Младост 96 Прилеп – Шампион ФА Штип. Сигурно претстои голема борба оти претходно по еднаш двата тима постигнаа победи, во Прилеп беше 4:2 за Шампион ФА, а на реваншот во Штип 4:0 за Младост 96. Кој тим ќе влезе во финалето?
– Сакаме да победиме, намерата ни е да се пласираме во финале. Првиот меч ни се случи поразот, тие одиграа мошне солидно, а ние одигравме послабо, но вративме на реваншот во Штип. Очекуваме пласман во финалето. Во поглед на составот сме безмалку комплетни, бидејќи повреден е само штипјанецот Петар Костовски, а другите сите сме на располагање: јас-Ѓоко Јочкоски, Андреј Лашкоски, Антонио Стомнароски, Србинот Ѓорѓе Борчиќ и крушевчанецот Нико Доага. Пред една недела малку среќа ни недостигаше дома за да победиме, но за денеска се надеваме дека и тој фактор ќе биде со нас. Оптимисти сме по победата од 4:0 во Штип – вели Ѓоко Јочкоски, тренерот-играч на Младост 96 Прилеп, клуб воден од претседателот Марјан Матракоски и потпретседателот Златко Рикалоски.
Штипската екипа Шампион ФА како денешен ривал го привлекува вниманието оти може да смета на Амелија Николов, Филип Младеновски, тренерот-играч Сашко Богатинов, Александар Кралев и Србинот Драган Ѓорѓевиќ.
Денешниот дуел е од 12 часот, во салата од ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ во Прилеп, а судија се очекува да биде прилепчанецот Зоран Јованоски.