Борбата за титулата е вжештена уште од полуфиналето на Плејофот од Супер лигата. На првиот полуфинален дуел во Прилеп се случи сензација, Младост 96 Прилеп – Шампион ФА Штип 2:4. Во салата од ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ домаќините се сметаа за екипа во предност, но не им успеа да стигнат до целта. За Младост 96 двете партии ги доби Србинот Ѓорѓе Борчиќ (против Филип Младеновски и Амелија Николова), а за Шампион ФА по една партија им припадна на женскиот поединечен шампион на Македонија Амелија Николова (којашто со истиот противник пред 7 дена освои само 15 поени и загуби со 3:0 во сетови) и на Филип Младеновски, а две доби Драган Ѓорѓевиќ. За Младост 96 настапи Андреј Лашкоски и тренерот-играч Ѓоко Јочкоски. Судија на мечот беше Зоран Јованоски од Прилеп.


Утре (понеделник) од 12 часот во Штип е реваншот, меч на кој можно е во штипскиот состав да се појават Сашко Богатинов, Александар Кралев или Зоран Димитријевски, а во прилепскиот тим на располагање се уште Антонио Стомнароски, Нико Доага и Петар Костовски.


Второто полуфинале за следнава недела е Крива Паланка – Телеком нец 2 Скопје, првиот против четвртиот на табелата.

ВИДЕО