Преубави се спортските спомени, вклучително и тие во врска со некогашната Победа. Прилепскиот клуб 32 меча одигра во системот на УЕФА, а еден од нив е на 17 јуни 2001 година, на стадионот „Крањчевиќева улица“ во Загреб, Хрватска. Тогаш, во рамките на 1.коло од Интертото-купот, Загреб – Победа 1:2. Триумф на прилепскиот тим над идниот шампион на Хрватска, со головите на Сашо Крстев во 54. и на Благојче Ѓорѓиоски во 58. минута, во дуел кој го водеше главен судија од Кипар – Андреас Георгиу.
ЗАГРЕБ: Пелин, Јанчетиќ, Пириќ (58. Периќ), Вејиќ, Булат, Верхас, Јеше, Чачиќ, Шимиќ, Фрања, Ловрек. Тренер: Златко Крањчар.
ПОБЕДА: Пеиќ, Ристовски, Петров, Каранфилоски, Николаевски, Батос, Н. Здравески, Б. Ѓорѓиоски (85. М. Нацев), С. Крстев (82. Диниќ), Жилсон (90. Мегленски), Ѓокиќ. Тренер: Мирсад Јонуз.
ИЗЈАВИ ПО МЕЧОТ,
Златко Крањчар, тренер на Загреб: „Во мечот влеговме добро, покажавме голема желба, но факт е дека екипата е невоиграна оти имаме само пет дена тренинзи. Имавме пад во играта. Првите 10 минути од вториот дел ги одигравме катастрофално, а имавме среќа што гостите не искористија неколку шанси. На реваншот одиме опуштени, со верба дека можеме да изненадиме.“
Јосип Булат, играч на Загреб:„Во првиот дел и игравме и добро стоевме на теренот. Штом почна вториот дел играта ни се распадна и повеќе немавме никаква идеја како нешто да се направи. Сепак, во реваншот ќе се обидеме да изненадиме.“
Мирсад Јонуз, тренер на Победа: „Пред мечот мислевме дека Загреб е многу посилен отколку што денеска покажа. Ние во дуелот влеговме со намера да се браниме од силниот Загреб, особено поради тоа што знаевме дека домаќинот има квалитетни напаѓачи. Меѓутоа, кога видовме дека имаме можност да развиеме наша игра, почнавме се повеќе да напаѓаме и го свртивме резултатот. Иако уште не е се готово, сметам дека сме мошне блиску до пласманот во второто коло.“
Николче Здравески, капитен на Победа: Беше добар меч, со фер и коректна игра. Ние бевме подобри и доминиравме во текот на скоро целиот меч. Требаше да постигнеме барем уште еден гол од многуте наши добри шанси.“.
Победа се пласира во 2. коло затоа што на реваншот во Прилеп со голот на Раде Каранфилоски беше нерешено, 1:1.
