Две теми се актуелни во овој летен период во врска со фудбалот во рамките на територијата што ја опфаќа ОФС Прилеп – Летниот преоден рок и изгледот на третолигашката конкуренција.
Според информациите од канцеларијата на ОФС Прилеп, од 15 јуни до денеска 23 јуни малку се новостите во врска со случувањата во клубовите за време на Летниот преоден рок. Единствената информација всушност е напуштањето на осум млади фудбалерчиња на Фудбалската школа Вондеркидс, по добиените понуди за премин во школи или клубови од други градови. За Вондеркидс е познато дека генерацијата 2011/12 го освои првото место во ФФМ Пелагониската лига, убедливо, без пораз, со само еден нерешен резултат и 15 победи.
Канцеларијата на ОФС Прилеп во иднина ќе биде седиште на третолигашката конкуренција именувана како Регион 4. Наскоро се очекува одлука околу тоа кои екипи ќе бидат учеснички, а треба да се меѓу 8 и 14. Покрај екипи од Прилеп, вклучени ќе бидат и од други места, како Велес, Градско, Демир Капија, Долнени, Кавадарци, Кривогаштани, Крушево, Неготино, Росоман и Чашка. Бидејќи од Втората лига ќе отпаднат трите последни екипи, од шесте региони прваците ќе одиграат бараж-дуели меѓусебно за да се добијат три тима што ќе ги пополнат испразнетите три второлигашки места.
За најзвучното име Победа и натаму се нејаснотии, околу тоа како овој клуб ќе чекори во иднината, по отпаѓањето од второлигашкото друштво.