Сега, кога прилепскиот фудбал е во голема криза, убави се спомените за не многу далечното минато. На пример, во сезоната 2011/2012, во Првата фудбалска лига на Македонија како прилепски претставник меѓу 12 учесници настапи Фудбалскиот клуб „11 Октомври“. Тогаш беше најбрзата алтернатива за Фудбалскиот клуб „Победа“, дури 8 години суспендираниот од ФИФА.
Подолу го објавуваме прилогот којшто беше во рамките на весниците што тогаш се печатеа низ цела држава, прилог посветен на ФК „11 Октомври“ во пресрет на прволигашкото првенство, започнато на 30 јули 2011.
Во прилогот има распоред на натпреварите од основните 22. прволигашки кола, против ривалите, како Вардар (Скопје), Шкендија (Тетово), Металург (Скопје), Хоризонт (Турново), Тетекс (Тетово), Работнички (Скопје), Напредок (Кичево), Ренова (Тетово), Охрид (Охрид), Силекс (Кратово) и Брегалница (Штип). Има и куса клупска историја, во која е напишано дека клубот е формиран во 1942/43 во рамките на СД „Прилеп“, боите на дресовите се црвената и белата, а првото учество во Републичката лига на Македонија е во 1960 година. Името 11 Октомври е од 1963 година. Најголем првенствен успех е првото место во Втората лига на Македонија во сезоната 2010/2011 и учеството во Првата лига на Македонија во 2011/2012. Најголемо достигнување во Купот на Македонија е осминафиналето, преку триумф над Вардар (Скопје) со 3:1, во сезоната 2009/2010.
Претставен е Управниот одбор: Симон Наумоски (генерален директор на ПИ „Витаминка“), Сашо Иваноски (претседател на УО), Марјан Стојковски – Манта (директор), Пеце Ристески (потпретседател), Дарко Иваноски (спортски директор), Љупчо Трајкоски (секретар). Во Стручниот штаб беа: Николче Здравески (шеф на СШ), Трајче Илиоски (помошен тренер), Круме Митрикески (тренер на голманите), д-р Иван Таневски (лекар), Александар Столески (физиотерапевт), Тони Наумоски (координатор на клупските школи). Играчки кадар: Пеце Коруновски, Владо Данилов, Денис Димитриоски, Филип Николоски, Новче Ацески, Стојанче Дунимаглоски, Благоја Гешоски, Игор Мирчески, Дејан Кебакоски, Благојче Рутевски, Филип Мирчески, Дејан Кулески, Владимир Петрески, Бобан Крстески, Владимир Мојсовски, Ицко Јанкоски, Александар Игески, Јовица Обрадовиќ, Филип Спиркоски, Тони Мегленски, Александар Велјановски, Горан Здравески, Благојче Марковски и Влатко Тошески.
Спомната е и публиката, чие привлекување во илјади е можно само со напорна работа – на тренинзите и со голема и чесна борба – на натпреварите.