Благовремено, како вистински професионален клуб, РК Прилеп веќе стартува со подготовките за претстојната сезона во Супер лигата на Македонија. Стручниот штаб (тренерот Наум Танески, асистентот Менде Петлески, физиотерапевтите Ѓоко Божиноски и Христи Шокоски) уште од првиот ден имаат на располагање 17 првотимци. Од нив петмина се нови засилувања – Никола Стојкоски (голман од Вардар Неготино, дете на Прилеп и добро познато име на прилепската публика, во својата кариера поврзан и со скопските Драчево јуниор и Скопје), Благојче Трајковски (голман од Бутел Скопје), Петар Марковски (пивот од Еурофарм Пелистер 2 Битола), Андреј Стојановски (бек – среден или лев од Пролет Скопје), и Стефан Лозаноски (лев бек од Аминтас, Грција), а двајца префрлени од Младинската екипа (Михаил Седлоски и Драган Тутески).
Тренинзите се одвиваат во салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп, каде ќе има и пријателски, контролни мечеви. Во тие рамки е и Единаесеттиот турнир „Миле Нешкоски 2026“ од 20 до 23 август, со учество на 6 екипи – Прилеп, Младост Богданци и Мулти есенс Скопје во првата група, а Бутел Скопје, Тиквеш Кавадарци и Еурофарм Пелистер 2 Битола во втората група.
Инаку РК Прилеп успешно воден од претседателот Никола Чадамов (претходното првенство освоено е првото место во Плејаут-групата од Супер лигата) е со амбиции следнава сезона да влезе во Плејофот.
претходна објава