И натаму за прилепчаните најважна спортска тема е Фудбалскиот клуб Победа. По прашањата што јавно ги објави професионалниот спортски менаџер Александар Ѓорѓиески, сопственик на организацијата „Идеал спорт“ и поранешен агент на ФИФА и УЕФА, прашања упатени до Општина Прилеп и до Сашко Попоски, спортски менаџер чие семејство е мнозински сопственик на клубот, т.е. на 70% од клупските акции, со свој став до нашиот медиум прв се обрати токму Сашко Попоски . Тој став подолу го објавуваме во целост:
„Што се однесува до прашањата на Александар Ѓорѓиески како и на поголем дел од навивачите кои секојдневно ме контактираат и бараат информација за понатамошното функционирање на клубот, можам да кажам дека се на место и треба да се делува најбрзо што е можно. Разговарав по телефон со Александар Ѓорѓиески и немаме никакви разидувања во размислувањата во поглед на спортскиот дел. Лично разговарав со Градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски и советникот за спорт во Општина Прилеп Христијан Тунески. Се договоривме во текот на оваа недела да се сретнеме уште еднаш и да ги договориме деталите, доколку е возможно како ќе продолжи да функционира клубот. Уште еднаш јавно ги молам за работна средба, на која би биле акционерите, Локалната самоуправа и претставници на навивачите, со цел транспарентно донесување заклучоци. Клучот е во Општината, како што потенцираше Градоначалникот Дејан Проданоски.“