Историја

ПОКАНА ДО СИМПАТИЗЕРИТЕ НА ПОБЕДА!

Повик до сите кои цел живот при срце ја имаат Победа. Покана да се јават со свое раскажување за интересни случки во кои учесници се тие, во настани поврзани со најсаканиот клуб до распадот на Југославија. Одбран е тој период во кој немало организирани навивачки групи туку симпатизери кои „гореле“ за Победа, така добивајќи го прекарот „борини“. Тие куси раскажувања ќе бидат земени предвид за книгата во подготовка „Борините“.

Пример 1:

Јас сум Цане Башески – Баше. Како и мнозинството прилепчани, бев тутунар. Еден ден, недела, скроивме план со сопругата да однесеме на нива два коша расад за да се насади. Но, имаме голем проблем. Проблемот е што тој ден од 17 часот е големото фудбалско дерби Победа – Беласица.

Два коша расад, а треба да завршиме со работата до 14-15 часот. Потоа одам на фудбал. Како да стигнеме, кога сме само двајца, јас и сопругата? Брзаме-брзаме, садиме со колчињата, времето лета. Не правиме ни секунда одмор, иако е невидена горештина, како под вршник. Едниот кош некако ќе го насадиме, ама другиот – нема шанса. Му велам на тој од соседната нива дека морам да одам на стадион, па да му го дадам вториот кош оти не можам да стигнам до 15 часот. Тој, еден од ретките прилепчани што не го интересира фудбал, се смее и не му се верува оти ќе ја оставам работата.

„Земи го кошот, оти ќе го превртам в ендек. Убав расад е, земи си го и насади го“, го молам.

„Ајде не играј мајтап со мене. Ваков расад ќе го фрлаш. Зошто? Имало фудбал – голема работа…“, уште не ми верува.

Така се расправаме и никако не можам да го убедам. Не ми верува дека за некоја игра со топка по која трчаат дваесет и двајца ќе сум го оставел тутунот. Дојде 15 часот, го зедов кошот, го превртев и го истурив расадот во ендекот. Соседот само се фати за глава и остана скаменет, а јас со жената брзо дома, потоа на стадион. Кај можам да издржам – цел град на фудбал, а јас на нива?

Настанот е од 17 јуни 1979. 

Пример 2:

Кога постоеше Југославија, еден од спектакуларните настани кој се чекаше секоја година беше „Штафетата на младоста“, посветена на роденденот на претседателот Јосип Броз – Тито. Денот на неговиот роденден се славеше и по неговата смрт. Всушност, два дена беа како големи празници – денот кога тргнуваше штафетата и денот кога стигнуваше во Белград. Неделата, 21 март 1982 очите на 23 милиони Југословени беа свртени кон Прилеп. Одовде тргнуваше штафетата. На бината пред Тринаесеткатницата свечена приредба, потоа пионерката Татјана Атанасовска зачекори како прв носител. Настан број еден.

Наредниот ден, во понеделникот се распродадоа сите весници. Бев средношколец. Од дома ми рекоа да купам весник да остане за спомен. Утрото на пат кон училиштето совреме купив „Вечер“ и со него минував низ центарот на градот. Таму кај Рекламите еден возрасен ми се стрча и свика оддалеку.

„Дете, застани малку.“

„?“

„Ај ако не се брзаш, дај малку да ѕирнам во весникот. Одма ти го враќам.“

„Нема проблем. Еве на средниве две страници има се опширно за штафетата.“

„Абе каква штафета, дај да видам за Победа!“

Човекот бргу ја најде спортската страница. Таму пишуваше дека Победа успеа да победи по долги четири месеци. Дома, со головите на Гоце Манески, Ристо Глигороски, Рубин Ѓорѓиоски и Јове Магдески со 4:0 го совлада Могрен од Будва, во Втората југословенска лига – Исток.

КОНТАКТ на 077713616 или [email protected]  за сите што имаат да раскажат нешто свое.

 

 

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе