Во минатото честопати се организираа наградни игри во кои беа земани предвид сите што купуваа влезници за натпреварите на Победа. . На тој начин се „пумпаше“ атмосферата и се додаваше мотив кај навивачите за масовност на трибините. Една од најголемите наградни игри е организирана есента 1995 година, кога претседател на клубот беше Димитар Мавцоски. Играта се организира во соработка со Асиба МГ, компанија која ја додели главната награда – автомобил „фолксваген поло“. Учесници беа гледачите на три натпревари на Победа – со Слога, Рудар и Вардар. Извлекувањето се случи на 17 септември, на дербито со Вардар, кога прилепскиот стадион се исполни со десетина илјади гледачи не само за наградата и најзвучниот ривал, ами и поради претходниот успех над Пелистер во Битола. На полувремето имаше хумор од артистите Емин Унѓел и Ѓокица Лукаревски, а потоа едно дете од публиката со врзани очи извлече влезница од најсреќниот гледач, Стеван Стојаноски. Нему му припадна автомобилот „фолксваген поло“.
Дербито Победа – Вардар, по головите на Благојче Ѓорѓиоски – Баче за домашните и Горан Петрески – Чунга за гостите, заврши нерешено, 1:1.