Карате

(фото) И ОВА Е МОЖНО ВО ПРИЛЕП – СЕ Е БЕСПЛАТНО, А УСПЕШНО!

Настан што го привлече вниманието во Прилеп: Унијата на карате-ветерани на Македонија го одржа второто полагање за појаси – жолт и портокалов, во салата на Основното училиште „Гоце Делчев“. Она Што беше ветено од главните луѓе на клубот, тоа е и исполнето – покрај бесплатен упис, бесплатен тренинг (бидејќи салата е платена и обезбедена), бесплатно е и полагањето и добивањето дипломи.

Според ова второ полагање, впечатоците се поволни – Прилеп и сега има талентирани млади луѓе за карате, талентирани пионери, дечиња. За жолт и портокалов појас положија триесетина кандидати. Од нив најмалиот, со добиен жолт појас, има само 5 години. Комисијата беше составена од седуммина: претседателот, гостинот од Скопје, проф. д-р Чедомир Саздовски, носител на црн појас 9 дан, гостинот од Кочани, Мишел Антонов, карате-мајстор црн појас 3 дан, како и прилепчаните – вишиот спортски тренер Љубе Кафеџиоски-Кафето, карате-до инструктор со црн појас 8 дан,  дипл. правник Златко Пирганоски, карате-мајстор црн појас 7 дан, дипл. маш. инженер Славе Ѓорески, карате-мајстор црн појас 7 дан. Марјан Пурданоски, карате-мајстор црн појас 3 дан и Методија Иваноски, карате-мајстор црн појас 2 дан.

Покрај дипломите за појаси, полагачите добија по еден скромен подарок од спонзорот – Агенција за обезбедување на лица, имот и истраги „МК секјурити Прилеп“. Најдобри за портокалов појас се Алек Стојаноски и Мила Котева, за жолт Адриан Еминовиќ и Ева Марија Чочеговска. Најдобри техничари за портокалов појас се Јордан Солевски и Ефимија Опурчакоска. Најредовни на тренинзи за портокалов појас се Кристијан Миткоски и Хана Стерјовска. 

– Се е според сите прописи, законски, Единствен клуб сме во Македонија и пошироко којшто има се бесплатно. Идејата е за ширење на каратето, тргање на децата од улица, од пороци, кон едно собиралиште за тренинзи и подготовка за понатамошно учество на натпревари, првенства. Не е се во парите, не е интересот во парите, туку целта е напредок на карате-спортот. Во ноември претстои Светски куп во Белград, Србија, во сите возрасни категории – од пионери нагоре, па постои план за подготвување со надеж дека пет-шест наши дечиња ќе бидат дел од тој меѓународен натпревар, во дисциплината кати – велат од Унијата на карате-ветераните, секција Прилеп, чиј старт на работата со дечиња се случи во септември 2025.

Значи, главната цел на Унијата на ветерани е децата да се мотивираат за да влезат в сала, да стекнат навика за спорт. Не значи дека сите ќе останат каратисти, во каратето – најтрофејниот спорт со пехари и медали, ама убаво е што сите ќе се развијат – психофизички. 

Затоа и задоволството е големо, а еден родител вака им се обратил на тренерите: „Во името на сите родители, ви се заблагодаруваме за тоа што ни ги правите децата – среќни“.

 

  

Од категоријата

(фото) ПРИЛЕП: НОВИ СО ЖОЛТ ПОЈАС, СО ЦРН ПОЈАС ВТОР И ТРЕТ ДАН!

Зоран Иге

(фото) ПРИЛЕП: КАРАТЕ-ВЕТЕРАНИ СО ТРЕНИНЗИ

Зоран Иге

(фото, список наградени) ПРИЛЕП: ТРЕНИНГ СО ЛЕСНОТИЈА И ВО ОСМАТА ДЕЦЕНИЈА ОД ЖИВОТОТ!

Зоран Иге

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе

Шампион