Екипата Победа од Прилеп двапати стана шампион на Македонија, во сезоните 2003/04 и 2006/07, двапати имаше прослава, но особено се памети 27 мај 2007 кога по триумфот во Тетово со 2:0 врз Шкендија, со головите на Капинковски и Савиќ, прилепскиот тим ја освои титулата и беше пречекан во центарот на градот од многу народ, а прославата беше во понеделник на 28 мај. Како најголемите светски клубови, Победа на прославата пристигна со автобус (возен од Трајче Ѓорѓиоски), а во организацијата на прославата беше вклучена Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Марјан Ристески. Меѓу народот доминираа членовите на Навивачката група „Мајмуни“, водена од Блаже Димоски – Бибио. Така беше поради невидениот подвиг – скопски Работнички беше надминат на табелата за 4 бода (71 освои Победа, Работнички 67), иако на 12 кола пред крајот скопскиот тим имаше 8 бода предност (Работнички 46, Победа 38). До крајот Победа со само 1 пораз и 11 победи стигна до подвигот. Победи дури и на дербито со Работнички во Скопје со 2:1, со головите на Гешоски и Нацев.
Еве како изгледаше Фудбалскиот клуб Победа во таа сезона 2006/07. Во Управниот одбор беа: Александар Забрчанец – Ацуле (претседател), Марјан Стојковски – Манта (спортски директор), Влатко Димоски (генерален секретар), Марјан Гулески – Лутото и Димче Маркоски (членови). Тренер беше Николче Здравески (шеф на Стручниот штаб), негови асистенти Горан Тодоровски и Круме Митрикески, како и Ѓоко Цветаноски (лекар) и Драган Мирчески (физиотерапевт).
Настапија следните фудбалери: Дарко Тофилоски, Благојче Дамевски, Благоја Гешоски, Душан Савиќ, Миодраг Јовановиќ, Влада Марковиќ, Тони Мегленски, Александар Крстески, Рок Итуа, Марјан Нацев, Мартин Шишков, Небојша Стојковиќ, Новче Ацески, Ѓорѓи Манески, Никола Танчевски, Димитар Капинковски, Јовица Обрадовиќ, Ванче Шиков, Александар Стојановски, Зоран Шалевски, Игор Талевски, Горанчо Георгиев, Илир Елмазовски, Светозар Лончар, Слаѓан Краљевски, Столе Митев, Аделунде Лукмон, Филип Мирчески, Илија Несторовски, Роберт Бошкоски и Златко Карески.