Од утре, понеделник (15 јуни), во Монтесилвано, Италија, почнува Светското младинско шаховско првенство во машка и женска конкуренција, во три возрасни категории – до 14, до 16 и до 18 години. Нашата држава Македонија ќе биде претставена со пет млади шахисти. За Прилеп, како град со шаховска традиција, значајно е што ќе биде претставен со прилепчанчето 17-годишниот Никола Павлески (член на ШК Алкалоид од Скопје), во категоријата до 18 години. Павлески, всушност, е единствениот претставник од Македонија во оваа категорија, меѓу 135 учесници. А меѓу учесниците, иако младинци до 18 години, има такви со високи титули – интермајстори и велемајстори! Од интермајсторите со највисоки рејтинзи може да се издвојат 15-годишниот Етхан Ваз (Индија) и 18-годишниот Филип Маголд (Романија), а од велемајсторите 18-годишниот Аксел Бу Квалој (Норвешка).
Од Македонија има во други категории: ФМ Моника Жежовска од Скопје (женски до 18 години), Кристијан Кавазов од Гевгелија (до 16), Даниел Стеваноски од Скопје (до 14) и Наде Смилевска од Битола (женски до 16).
На фотографијата по пристигнувањето во Италија се македонските претставници, меѓу нив и Никола Павлески, како и водачот на патот и тренерот, познатиот велемајстор Звонко Станојоски од Прилеп.