Одреден е терминот за почеток на подготовките на второлигашот Победа – среда, 5 јули во 17,30 часот. Тогаш на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп првпат пред фудбалерите-првотимци како шеф на Стручниот штаб ќе застане Филип Мирчески, млад 34-годишен стручњак. Доаѓа од Младинската школа на клубот, каде има заслуги за минатогодишната шампионска титула во Младинската супер лига на Македонија.
Симпатизерите се интересираат и какви промени ќе има во играчкиот кадар. Се зборува дека квалитетните ќе бидат задржани, како Дарко Тофилоски, Филип Стомнароски, Игор Паноски, Јорданчо Наумоски и другите, дадена шанса на најперспективните од младинскиот погон, а доведени и засилувања. Се ќе станува појасно со тренинзите и првите пријателски мечеви, каде ривали ќе бидат Караорман, Новаци, Вардар Неготино, Пелистер…
Дознаваме дека клубот има серија контакти со многу компании, понудена соработка, и оттука оптимизмот за битно подобрување на финансиската состојба.