Најавите се остварија – машкиот ракометен суперлигаш Прилеп од денеска има генерален спонзор, компанијата „Комфи ангел“. Ова на финансиски план многу значи за клубот, кој првпат во 13-годишното постоење има покрај себе таков гигант.
– По низа преговори, Управата на РК Прилеп, со големо задоволство известува дека од наредната сезона клубот ќе биде засилен со нов генерален спонзор, а тоа е компанијата Комфи Ангел. Се надеваме дека по успешниот пласман во Супер лигата, со здружени сили и нови предизвици, оваа сезона ќе имаме уште поголеми резултати – е објавата од клубот.
По ова сосема очекувани се новите ракометари од кои најнов е голманот Давит Ацевски (Јуниор КВ), а претходно пристапија пикерот Томче Трајчевски (Радовиш) и левиот бек Никола Цветаноски (Струга). Следни информации би биле – одлуката за новиот шеф на Стручниот штаб и датумот за старт на подготовките.