Наместо во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, следниот меч од Втората футсал-лига на Македонија екипата на прилепска Победа ќе го има во салата од ООУ „Добре Јованоски“. Тоа ќе се случи в понеделник во 20,30 часот, кога е дуелот од 3. рунда Победа – Балкан од Скопје. Измената е поради зафатеност со џудо-турнир на салата во „Ричко“. Како и да е, нова можност за љубителите на футсалот (мал фудбал) да гледаат нов првенствен натпревар. Влезот е 50 денари, со тоа што во таа сума влегува гратис сок или вода, подарени од домаќинот.
Овој меч е шанса за Победа да стигне до вториот успех (по победата дома над Јувентус и поразот во Кратово), додека Балкан има два есенски пораза.