Министерот за спорт Борко Ристовски ги поздрави претставниците на 48 европски делегации кои присуствуваат на традиционалниот Chefs de Mission семинар во Скопје во пресрет на Европскиот младински олимписки форум ЕМОФ 2025 на кој Македонија ќе биде домаќин од 20 до 26 јули годинава.
На семинарот отрганизиран од Македонскиот олимписки комитет европските делегации имаа можност да се запознаат со организациските аспекти, спортските и логистичките капацитети, како и со градовите-домаќини на ЕМОФ 2025. Министерот Ристовски во обраќањето пред присутните во име на Владата и на Министерството за спорт најави дека Македонија ќе биде добар домаќин на младите европски спортисти и изрази поддршка за Македонскиот олимписки комитет во организацијата на овој голем спортски настан.
– Ова е исклучетелно важен настан за спортот и за Македонија како држава во која сакаме да промовираме спортски вредности кои се високо на нашата агенда. Ќе бидеме одлични домаќини на сите овие млади спортисти, делегации и гости и ќе се потрудиме сите оние задачи кои се дадени како обврски да ги исполниме во соработка со Македонскиот олимписки комитет. Сигурен сум дека од овој настан ќе има голем бенефит и државата и Македонскиот олимписки комитет, но пред сѐ спортот што за нас е многу важно. Како Министерство за спорт, како Влада и како држава покажуваме дека се грижиме не само за спортот туку и за сите придружни ефекти кои можат да се промовираат преку спортот и преку вакви настани – истакна министерот Борко Ристовски.
Истакнувајќи ги придобивките од овој голем спортски настан, Ристовски нагласи дека ова е одлична можност и за младите македонски спортисти да напредуваат и да прераснат во идни олимпијци.
– Генерално сите ќе имаме бенефит од овој голем спортски настан, но најважно е што најголем бенефит ќе имаат младите македонски спортисти кои имаат можност да настапат на едно вакво големо натпреварување и ќе можеме преку нив да градиме нови спортски идоли кои што во изминатите години ни недостасуваат. Треба да ги поддржиме сите талентирани деца да прераснат во идни олимпијци – рече Ристовски.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски изрази бладогарност до министерот Борко Ристовски и до Владата за поддршката во отрганизацијата на овој голем спортски настан.
– Македонија ќе биде седиште на спортот во Европа во таа една недела. Ќе имаме привилегија да ги угостиме најдобрите млади европски ѕвезди кои во иднина ќе бидат светски и олимписки ѕвезди. Ќе имаме прилика да ја претставиме државата во најдобро светло. Огромна благодарност до министерот и до Владата кои застанаа зад овој проект бидејќи таа поддршка ни е неопходна и многу ни значи во обидот да испорачаме еден навистина велелепен светски настан. Најголем бенефит ќе имаат нашите млади спортисти. На ЕМОФ 2025 ќе имаме повеќе од 200 учесници спортисти кои ќе бидат нашите идни ѕвезди – посочи Димевски.
Скопје и Куманово ќе бидат градови домаќини на ЕМОФ 2025 од 20 до 26 јули годинава и ќе бидат збирно место на 4.000 млади спортисти од Европа, кои ќе се натпреваруваат во 15 различни спортови.