Во нашиот фудбал се случуваат и убави нешта. Деновиве на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп фудбалерчињата на Фудбалскиот клуб Победа се фотографираа во нова опрема. Што е во прашање, добивме известување од „Иедал спорт“, асоцијација за спорт и спортски туризам, предводена од прилепчанецот Александар Ѓорѓиески, менаџер по спорт.
– Почитувани, Сакаме да ве информираме за убавиот гест направен од Дориан Бабунски кон децата од ФК Победа, генерации од 2011,2012,2013 и 2014 година, преку видео-обраќање каде им испрати позитивни пораки и ги поздрави со спортска опрема. Исто така, д-р Жарко Костиќ, познат мотиватор, се обрати преку видео-порака, промовирајќи ги основните спортски вредности и со мотивирачки говор прилагоден за нивната возраст ги советува децата да бидат пред се шампиони во другарството. „Идеал спорт“ изразува голема благодарност до Дориан Бабунски, Жарко Костиќ, ФК Победа – младинската школа, и до вас како медиум за овој убав гест кој со ваша помош преку оваа идеја, сите ние заедно придонесуваме да ги промовираме основните спортски вредности, за доброто пред сè, и дека заедно можеме нештата да ги направиме уште подобри. Се надеваме дека ќе допреме и поттикнеме и други врвни спортисти да го направат истото во други фудбалски клубови, фудбалски школи или училишта во Македонија.
„Идеал спорт“ го испраќа и следниот совет до родителите на децата: Оставете ги вашите деца да уживаат, да се забавуваат во спортот, не ги форсирајте и не им правете непотребен притисок, и кога грешат дајте им поддршка и охрабрете ги. Учете ги на основните спортски вредности да се почитуваат меѓу себе да се бодрат и кога победуваат и кога губат. Ова е фаза да уживате заедно со вашето дете и сите други деца, бидете среќни што во ова денешно дигитално време тие спортуваат. Патот до врвен фудбалер има многу фази и е многу суров, но без основните спортски вредности не се стигнува никаде. На тренерите кои работат со деца до 12 години, а притоа промовираат играње на резултати, сакаме да им посочиме дека прават штета на самите деца. Овој вид на притисок може да има негативен ефект и врз децата и врз нивните перформанси во иднина, воедно и самите како тренери си правите непотребен притисок, сепак ова не е финале на лига на шампиони. Затоа ги молиме тренерите да го разгледаат својот пристап и да се фокусираат на развојот и уживањето на децата во спортот, без да ги притискаат да бидат професионалци пред време. „Идеал спорт“ ќе продолжи и со нови активности и акции со крајна цел за подобар спорт во Македонија – е пораката на Александар Ѓорѓиески.
ВИДЕО-ПОРАКАТА на Дориан Бабунски, фудбалер на Грасхоперс
ВИДЕО-ПОРАКАТА на д-р Жарко Костиќ, мотиватор