Триесетишестгодишниот Филип Мирчески е назначен за директор на Младинската академија во Фудбалскиот клуб Победа. Станува збор за поранешен фудбалер на Победа и 11 Октомври, двапати (за 2010 и 2011 година) прогласуван за спортист на Прилеп. По завршувањето на играчката кариера работеше како тренер во младинската екипа на Победа (стана шампион на Македонија во сезоната 2021/22), а есента 2023 беше и шеф на Стручниот штаб во сениорскиот второлигашки тим.
Од ФК Победа е следнава објава за јавноста:
„Квалитетот секогаш испливува на површина. Тренерот којшто ја водеше генерацијата во Лигата на европските шампиони, официјално е назначен за директор на Младинската академија. Со оваа одлука се отвора ново поглавје, со јасна цел – да се искристат неговото искуство, знаење и квалитет во градењето нови генерации и развојот на младите таленти.“
Филип Мирчески ја има и Фудбалската школа Вондеркидс.