Прилепчани многу го сакаат фудбалот и на нивно задоволство сезоната натаму трае, продолжуваат фудбалските возбудувања на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Претстојат уште два меча кои привлекуваат публика, па извесно дека трибините ќе бидат исполнети.
В среда е натпреварот Победа – Њу старс Скопје, од 25. коло на Младинската супер лига, во која пред два дена шампион стана младинскиот тим на Победа. Според тоа, гледачите ќе можат на дело да ги видат мајсториите на оваа суперталентирана генерација на Победа. Пред почетокот на мечот се очекува свечена церемонија со доделување на шампионскиот пехар од претставник на ФФМ. Мечот в среда почнува во 17,30 часот, а во негова предигра е кадетскиот дуел Победа – Њу старс.
Натпревар на истиот терен има и в четврток. Тоа е финалето од плеј-офот за добивање првак на ОФС Прилеп. Пресметката е помеѓу екипите на Канатларци и Гарван од Десово. Во полуфиналето Канатларци со 6:5 на пенали (регуларно 2:2) го совлада Мукос од Дреновци, а Гарван со 1:0 беше подобар од Влазними јуниор од Пресил. Победникот станува третолигаш. Овој дуел е в четврток во 17 часот.