Живот

(ФОТО) ПОЕНТИ ОД КНИГАТА „ЧЕСТ И ВЕСТ“ ОД НОВИНАРОТ ТАЧКО ЛОКВЕНЕЦ!

Во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп беше промоцијата на „Чест и вест“, книга од новинарот Тачко Локвенец, починат пред неполни две години на 79-годишна возраст. Свои видувања кон книгата, ликот и делото на Тачко, пред присутните изнесоа Моника Талеска – новинар, директор на библиотеката, Иван Бојаџиски и Ерол Ризаов, долгогодишни блиски соработници, колеги, а извадоци од книгата чиј уредник е ќерката на авторот Емилија Локвенец, прочита актерот Игор Трпчески.

Книгата „Чест и вест“ има 364 страници. Во Прологот пишува:

Мудрец рекол: „Се што се случува, се случило.“ Така некогаш во еден двор на еден цар,  имало многу гости. Царот излегол без облека, шетајќи се по цветните алеи. Никој од присутните не се осмелил да каже дека царот е гол. Само едно дете викнало на цел глас: Ура, царот е гол!“ Од присутните еден со брз ум извикал: „Ова дете ќе биде – новинар.“ И така бидна!

Во поглавјето „Јазикот најважен инструмент на новинарот“, пишува:

Јазикот на новинарите има неколку одлики:чист, јасен и писмен: стандарден, неизменет и структурен. Новинарите препорачливо е да не користат јазик на науката и администрацијата,затоа што јазикот на науката е недоволно разбирлив, а јазикот на администрацијата здодевен.

Во поглавхјето „Новинарската визија“, со поднаслов „Ведро, сончево и топло со слаб ветар, а можен е и дожд“, е загатната  неизвесноста околу иднината на новинарството:

Кој е тој пророк што може точно да ја предвиди, а да не заскита во темните коридори на вистинските и (веќе присутни) лажни вести. Меѓутоа, сечија иднина, па и иднината на новинарството, зависи од иднината на човекот и светот. И додека има луѓе, зборови и јазици, ќе има и новинарство, но сигурно не новинарство  од ова наше време.

На денешната промоција, во знак на почит и трајно сеќавање, беше дадена идеја да се одбере институција која би се именувала Тачко Локвенец. Што беше Тачко, кој меѓудругото често пишуваше и на спортски теми во „Нова Македонија“, Радио Прилеп, „Народен глас“, „Скок“и други медиуми, интересно видување има од Панде Колемишевски, новинар и некогашен генерален директор на НИП „Нова Македонија“:

Локвенец не е само македонски новинар. Тачко е мало прилепско чудо. Со асли стил на македонски раскажувач и прикажувач, чиниш е наследник и доследник на неговиот дамнешен сограѓанин Марко Цепенков. Колку и да звучи ова претерано, не е далеку од вистината. Ако се присетите, ако ги прелистате текстовите на овој автор објавувани речиси четири децении на страниците на весникот „Нова Македонија“, ќе ја видите таа сличност. Бликаат во нив: народна нарација, разни слики опишани низ зборови, чист, едноставен јазик, наук со поук. Понекогаш пишувани со мешавина на стилови, микс на современ и народен говор, на македонски јазик со прилепски дијалект, обоени со блага доза прилепски курназлак, скриен хумор и цинизам, текстовите на Локвенец беа вистински новинарски деликатес на задоволство и на најистенчените читателски вкусови.

Од категоријата

Иванден во св. Јован Крстител – Маркова Чешма

Зоран Иге

ПОВИК ЗА ПОМОШ ЗА ДОИЗГРАДБА НА МАНАСТИРОТ ВО ЗАГОРАНИ!

Зоран Иге

(фото+видео) НИКОДИНСКА ВЕСЕЛБА НА ИЛИНДЕН

Зоран Иге

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе