По тринеделна пауза продолжуваат првенствата во женска и машка конкуренција. По претходните дуели во Купот на Македонија за жени, на кои Деспина со 35:16 го совлада скопскиот Кузман Вардар, но потоа во Скопје загуби со 38:20 од Вардар, вечерва (18 часот) во салата „Ристе Ристески – Ричко“во Прилеп Деспина игра со Гевгелија, во 2. рунда од плеј-аутот од Супер лигата. На табелата води Шампион со 16 бода, пред Скопје со 13, Гевгелија со 12, Астибо 10, Деспина 9, Спартак 1 и Кузман Вардар 0.
Поради натпреварите во групи од Купот на Македонија (Прилеп со 28:29 загуби од неготински Вардар), беше пауза во првенството од ракометната машка Супер лига. Во рамките на 5. коло од плеј-аутот, екипата на Прилеп денеска (17 ч.) гостува кај Јуниор КВ во Скопје. Ова е добра шанса за нови три бода, со оглед на тоа што прилепскиот тим досега освои 11, а скопскиот само 4 бода. На табелата целта не е само бегство од шестото место, туку и пласман поблиску до врвот. Води Куманово со 13 бода, пред Прилеп со 11, Голден арт и Скопје по 9, Вардар Н. 7, Јуниор КВ 4, Струга 3 и Радовиш 2.