Претпладнево се одигра бараж-мечот за место во А-лигата на ОФС Прилеп. Екипата Тризла со 5:4 по изведувањето пенали го совлада Боротино. Во основниот дел по 90 минути беше 0:0.
Публиката на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ очекуваше голови од игра, но очигледно беше дека играчите од двата тима тешко се снаоѓаа на теренот со поголеми димензии отколку што се тие во Општинската лига. Во првиот дел А-лигашот Тризла имаше иницијатива, но топката не беше упатена на вистинското место. Во второто полувреме, како одминуваше времето така снемуваше сила и шансите беа уште поретки. Заслуга што до крајот остана 0:0 има и високиот Роберто Ујгуноски, голман на Б-лигашот Боротино.
Така дојдоа на ред пеналите во шест серии. Тризла имаше пет гола, еден удар над гол, Боротино четири гола, еден шут над гол и еден пенал одбрани голманот Роберт Конески, па затоа се стигна до конечниот резултат од 5:4 за Тризла. Стрелци од пенали: Роберт Конески, Мартин Ангелески, Јованчо Јончески, Никола Стеваноски, Виктор Ристески (Тризла) – Александар Јанчески, Иле Огненоски, Благојче Савески, Дејанчо Јанчески (Боротино).
Денеска (16 ч.) на истото место има уште еден дуел – полуфиналето од плеј-офот за првак на А-лигата од ОФС Прилеп, Кадица (Забрчани) – Влазними (Пресил).