Победа одлично тргна во новата второлигашка сезона, со триумф од 5:1 дома над Тетекс. Низ градот убаво расположение меѓу симпатизерите, секако и внатре во клубот.
– Голема победа за нас, со оглед на проблемите што ги имаме. Како камен да ни падна од срцето – вели Јорданчо Наумоски, капитенот на Победа.
Интресно е што во ова време на клубови со многу играчи од разни страни, еве постои клуб со сопствен играчки кадар. Така, во саботата, за Победа настапија прилепчаните Николоски, Талески, Стомнароски, Кочоски, Дебрешлиоски, Ф. Димоски, Ј. Наумоски, Кукески, А. Петејчук, С. Спиркоски, Ф. Спиркоски, Богевски, Л. Петејчук, Алимоски, како и засилувањата отстрана Грозданоски и Горгиовски. Во Победа и тренерите се домашни: Филип Мирчески, Стојанче Дунимаглоски, Сребре Стефаноски, Жарко Димески.
– Меѓу нас се шегуваме дека сме новиот Атлетик Билбао. Таму има правило да прават тим само од својата територија. Така и Победа е безмалку само од прилепчани, со двајца од страна, прифатени исто како да се домашни – рече Наумоски.
Но, можно е да има новости до крајот на преодниот рок на 6 септември.