Кога се работи за фудбал, во Прилеп секој настан е значаен. Ова важи и за најновата најава за отворање на нова фудбалска школа „Вондер кидс“, на тренерите Филип Мирчески, Филип Стомнароски, Стевче Талески и Жарко Димески. Планирана за генерациите родени меѓу 2011 и 2018 година, од општините Прилеп и Кривогаштани, наскоро почува со работа. Што ново ќе донесе школата?
– Цел на школата е децата да ги внесеме во светот на фудбалот, во едно чудесно патување каде што ќе ги учат и совладуваат фудбалските технички елементи. Вратата е отворена за сите – без разлика на пол, вера и националност. Преку тренажниот процес каде што ќе бидат социјализирани и згрижени сите заедно, ќе се дружат, забавуваат, уживаат. Тука ќе стекнат навики за одговорност, дисциплина и почитување кон сите учесници во фудбалот. Во сето ова, освен тренерите, главна улога ќе имаат и родителите, коишто со своето однесување – охрабрувајќи го своето дете, ќе придонесат за побрз развој и остварување на целта. А целта е – неговото дете да стане врвен фудбалер. Ние тренерите, со нашето долгогодишно искуство и вредна работа, се надеваме дека ќе им помогнеме на децата побргу да ја остварат целта, да стигнат до посакуваниот успех – порачува Стевче Талески.
За официјален старт на школата е одреден 29 април.