Приближува 12 јуни, а тоа е датумот кој потсетува на големиот пожар што ја зафати Спортската сала „Македонија“ во Прилеп во далечната 1993 година. Се случи кога на трибините имаше рекорден број, близу 3500 гледачи, за време на одигрувањето на реванш-финалниот плејоф-меч за титулата шампион, Тутунски комбинат – Пелистер. Медиумите известија: човечки жртви нема, покривната конструкција целосно уништена, објектот изгорен до темел…
Два-три дена подоцна, ѕвони телефонот во прилепската радиостаница Радио Соник:
– Ало?
– Добар ден, се јавуваме во врска со салата „Македонија“. Сакаме да ве известиме за некои детали во врска со пожарот… Најдобро е да дојдете кај нас…
– Во ред, од каде се јавувате?
– Од салата „Македонија“?
– !?!
– Ало, ме слушате?
– Извинете, од каде рековте дека се јавувате?
– Од салата „Македонија“.
Како е можно од сала којашто пред два-три дена изгоре до темел? Всушност, канцелариите, просториите кои се на периферијата од објектот останале недопрени од пожарот. Така, два-три дена подоцна службениците без проблем си продолжиле да работат, служејќи се со фиксните телефони.