На 6 октомври 1976 година, на пријателскиот меч во Прилеп со белградски Партизан – шампионот на Југославија, од фудбалот се прости Живко Ѓорѓијески, долги 13 години незаменлив играч за врска на прилепска Победа, нејзин капитен. По завршувањето на кариерата ги издвои најзначајните моменти:
– Имам чувство дека во фудбалот ги остварив сите свои амбиции, освен една – ниту една минута не одиграв во Првата југословенска лига. Тоа е мојата неостварена желба. Навистина, имав убава шанса да заиграм за сплитски Хајдук, но свесно не ја искористив. Ме задржаа: Прилеп, семејството, Победа… Не можев да ги напуштам зашто сакав да останам со нив. Искрено речено, се надевав дека и во дресот на Победа ќе заиграм во Првата југословенска лига – рече Ѓорѓијески.
Во времето кога играше Живко Ѓорѓијески, Победа редовно беше во Втората југословенска лига со највисок пласман на трето место во сезоната 1965/66, а со учество во четвртфиналето од Купот на Југославија во сезоната 1963/64.