Претходните години на Меморијалниот меѓународен ракометен турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп доаѓаше екипата на Дубочица од Лесковац, а оваа година тоа е Врање, двете од Србија. Баш овие две екипи дел од прилепскиот турнир – причините се во изборот на Организацискиот одбор, но и на приврзаноста на Ѓорѓе Теодоровиќ, гостинскиот тренер, шеф на Стручен штаб, неговата голема приврзаност за Прилеп. Еве каква е таа негова позитивна енергија кон Прилеп и што всушност се случувало децении наназад.
– Тоа е долга приказна. Војска во некогашната ЈНА служев во Кичево, во 1991 година. Таму запознав војнички другар од Прилеп, Роберт Ѓорчески – Кумето, познат фудбалер и фудбалски менаџер. Во Кичево излегувавме секој викенд и заедно доаѓавме во Прилеп многупати. Кога лани бев во Дубочица, разбрав дека идиме тука во Прилеп на турнир. Штом слушнав Прилеп, веднаш реков: Супер, доаѓам да се видам со Роберт! Така лани со Дубочица, така сега со Врање – вели Теодоровиќ, кој добар дел од ракометната кариера има поминато во странство, во Австрија и Норвешка.
Теодоровиќ, кој е од Шабац и матичен клуб му е славната Металопластика, како играч настапувал на среден бек и имал понуда да заигра за Тутунски комбинат, по препорака на Роберт Ѓорчески. Било во сезоната 1994/95.
– За Тутунски комбинат одиграв и пријателски меч во Битола. Тогаш тренер беше Гоце Бозароски. Ми беше понуден договор, но јас одбив и се вратив во Металопластика. Затоа што тука во Прилеп бев дојден само за да се видам со Роберт Ѓорчески – се потсетува на тие настани Теодоровиќ.
Врање, тимот член на Супер лигата на Србија, вечерва игра од 18 часот со Куманово, а утревечер од 18 часот со Охрид.