Живот

ПРИЛЕП: МАНИФЕСТ НА НОВИНАРИТЕ!

Манифестот на локалните новинари и медиумски работници за подобрување на условите за работа претставува сублимат на констатации околу актуелните состојби во сферата која е од јавен интерес и барања за овозможување на квалитетно и независно информирање на локалните заедници

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска (21.12.2024) на прес-конференција во Прилеп го промовираше Манифестот на локалните новинари и медиумски работници за подобрување на условите за работа. Документот, на кој се работеше подолго време низ серија на средби со колегите од сите градови, претставува сублимат на констатации околу актуелните состојби во сферата која е од јавен интерес и барања за овозможување на квалитетно и независно информирање на локалните заедници.

Манифестот содржи барања на новинарите и медиумските работници од локалните средини, односно од седум плански региони, кои се однесуваат на подобрување на условите за работа, почнувајќи од ниските плати, проблемите со недостигот на ресурси и кадар и ред други предизвици.

Претседателот Павле Беловски во обраќањето до колегите рече дека ова е прво обид за заеднички настап поддржан од ССНМ, но што е поважно и од самите новинари и медиумски работници од локалните средини.

„Податокот дека во барем десет поголеми општини, односно градови со традиција нема никаков медиум, а во четвртина од 80 општини, колку што ги имаме, постои комплетен информациски мрак кога станува збор за јавно гласило е факт што треба да не загрижи. Значи над 300.000 наши сограѓани кои живеат на третина од територијата се лишени од важни информации од локален карактер. Тоа се таканаречени медиумски пустини во кои дури и да има еден локален медиум, нема медиумски плурализам“, рече Беловски на промоцијата на Манифестот.

Во изработката на манифестот учествуваа повеќе новинари и медиумски работници од локалните средини што најдобро ги знаат проблемите со кои се соочуваат.

„Медиумите имаат име, новинарите и медиумските работници имаат име и презиме. Со згаснување на локалните медиуми и бесперективност на новинарската професија згаснува единствениот начин за информирање на локалните заедници и улогата на медиумите за развој на демократијата преку критичкото новинарско ‘перо’“, рече Гордана Цветановска од Радио Пела, Прилеп.

Весна Коловска од Штип, пак, се осврна на недостигот на кадар во локалните и регионалните медиуми.

„Локалните и регионалните медиуми се на раб на преживување, неатрактивни за работа на млади новинари. Обемното истражување што го спроведоа ССНМ и РЕСИС покажа дека бројот на вработени во овие медиуми во просек е 1,6 вработени по медиум. Публиката останува зачудена дека изворите на финасирање ги нема, очекувањата се огромни“, објасни Весна Коловска од Канал 77, Штип.

Одржливоста на медиумите што треба да известуваат за теми од јавен интерес во локалните средини е исто така голем проблем со кој се соочуваат не само новинарите и медиумските работници, туку и граѓаните што тешко стигнуваат до важни информации.

„Состојбата со обезбедување на егзистенција на новинар или медиумски работник во локална заедница е тешка без донаторска помош преку проекти. За жал, огласувачите поточно бизнис заедницата не ги препознава веќе изградените локални брендови и важноста на информациите од јавен карактер за кои се ‘гладни’ граѓаните“, вели Убавка Јаневска од порталот Дума од Велес.

Новинарката од Битола, Емилија Мисирлиевски, рече дека доколку нешто не биде подобрено штетата по целото општество поради ширење на дезинформации преку парамедиуми ќе биде уште поголема.

„Состојбата во локалните медиуми и дописниците со години е исклучително тешка. Со ЗНМ и ССНМ на сите средби разговараме за проблемите, но ова е прв документ кој го адресираме до сите чинители. Не очекуваме дека сите проблеми ќе се решат, но се надевам дека ќе допре до надлежните, затоа што згаснувањето на медиумите и создавањето на медиумски пустини е на штета на целото општество и се остава простор на парамедиумите и дезинформациите“, рече Емилија Мисирлиевски, дописник на ТВ Телма од Битола.  

Манифестот на локалните новинари и медиумски работници за подобрување на условите за работа како документ, преку Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, заедно со потписниците на Манифестот ќе биде доставен до сите чинители кои имаат надлежности поврзани со медиумите и нивната слобода и ќе застапува преземање на мерки за решавање на најважните предизвици. Поддршка на Манифестот од страна на новинари и медиумски работници, но и други чинители ќе може да се искаже со потпис на Манифестот преку електронската пошта [email protected].

Манифестот на локалните новинари и медиумски работници за подобри услови за работа беше изработен во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“ во партнерство со Union to Union и Меѓународната Федерација на новинари.

УЧЕСНИЦИ ОД ПОВЕЌЕ ГРАДОВИ

На овој собир присуствуваа новинари и медиумски работници од повеќе македонски градови, како Скопје, Битола, Велес, Штип, Прилеп… Од Прилеп имаше претставници од повеќе медиуми, како Радио Пела, Зенит, Шампион. МК, Радио Холидеј, Инфокомпас, како и дописници на медиуми како МРТВ, Свет Австралија, ТВ Алфа, ТВ Сител…

Претставници на новинарите имаа средби со д-р Борче Јовчески, градоначаликот на Прилеп и Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд.

 

 

Од категоријата

(ВИДЕО) СЛАВА ВО МАНАСТИРОТ „ПОКРОВ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА”

Зоран Иге

(ФОТО) ПОЕНТИ ОД КНИГАТА „ЧЕСТ И ВЕСТ“ ОД НОВИНАРОТ ТАЧКО ЛОКВЕНЕЦ!

Зоран Иге

(видео) „МОМИНОК“ И ГОСТИТЕ ЈА ОДУШЕВИЈА ПРИЛЕПСКАТА ПУБЛИКА

Зоран Иге

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе