За младинскиот фудбалски тим на Победа денешниот е последен натпревар сезонава дома, а прв на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп. Затоа ова е прва можност на многубројната прилепска публика да ја поздрави екипата која на две кола пред крајот од Младинската супер лига стана шампион на Македонија. Ова е само прв натпревар на стадионот, а се знае дека на овој објект ќе има во иднина повеќе натпревари, секако и дуелот кој ќе биде во јуниорската Лига на шампиони на УЕФА. Така, од денешниот меч од 25. коло Победа – Њу старс Скопје, погледите се вртат кон тој евро-настап, со исчекување на ждрепката за првиот противник. Младинската екипа на Победа заслужува да биде видена од илјадници гледачи, не само заради бројките – најмногу бодови (56), најмногу победи (18), најмногу дадени голови (72), најмалку примени голови (12), најдобра гол-разлика (плус 60), позитивен биланс со сите 12 ривали, туку овие момчиња треба да ги види полн стадион затоа што изведуваат такви колективни и индивидуални акциии, според оние од престижните европски првенства. Тренерите Кирил Овезоски и Филип Мирчески ги имаат на располагање: Марко Маркоски, Виктор Јорданоски, Михаил Јакопетревски, Давид Иваноски, Филип Тодороски, Леонардо Богданоски, Христијан Јосифоски, Андреј Аризанкоски, Мартин Талески, Христијан Поп-Антоски, Давид Дебрешлиоски, Стефан Аљакоски, Давид Крстески, Ѓорѓи Печијарески-Ацески, Коста Степаноски, Симеон Миноски, Димитри Кочоски.
Пред почетокот или по завршувањето на мечот се очекува свечена церемонија со доделување на шампионскиот пехар од претставник на ФФМ. Почетокот е од 17,30 часот, а во негова предигра е кадетскиот дуел Победа – Њу старс.