Победа е фудбалски бренд и секогаш интересна за тренерите и играчите за да бидат во неа, особено сега кога го врати прволигашкиот статус. Деновиве се очекува клубот да назначи тренер, шеф на Стручниот штаб. Дознаваме дека има повеќе опции, а меѓу нив не е Црногорецот Славољуб Бубања, за кого неколку медиуми објавија дека е повратник во прилепскиот клуб. Значи, други кандидати се во предвид, исто така докажани стручњаци, а не е исклучена можноста битолчанецот Димитар Капинковски да продолжи од каде што застана, пред триесетина дена, кога со екипата стигна до влез во Првата лига.
Што се однесува до играчкиот кадар, тука нема многу место за новости, со оглед на тоа што токму стратегот треба да одлучи кои да се задржат, кои да заминат, кои да дојдат како засилувања. Единствено што се знае е заминувањето на Дарко Анѓелески во прволигашот Силекс, а како кандидат за прво засилување е Нигериецот Удома Чуквума од второлигашот Пелистер, кој веќе две недели е во Прилеп со надеж дека ќе е и пристапи на Победа.
ЦЕЛ ПРИЛЕП ЗА ПОБЕДА
Управата како приоритетно го решава финансиското прашање. Дознаваме дека за таа цел има и средби во Општина Прилеп. Всушност, планот е целиот град во овој период да биде со Победа, бидејќи преговорите се и со приватниот сектор. Повеќе компании, поголем буџет со кој е планирано да се доведат засилувања, да се обезбедат квалитетни подготовки во пресрет на прволигашкото првенство, кое ќе стартува во првата половина од август.
Прилепските навивачи сакаат силна Победа, како во времињата кога освојуваше титули.