Трет ден е од подготовките на машкиот ракометен суперлигаш Прилеп. Тренинзите се во салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ а е најавено дека ќе се одвиваат само во Прилеп. Во однос на играчкиот кадар, по заминувањето на Зураби Цинцадзе, Казеин Рустамов, Хари Павлов, Владимир Трајкоски, Даниел Андоновски, Марко Трајковски и Марио Гичев, следат клупски потези со кои ќе се задржат останатите. Така, веќе се знае дека сигурно останува Христи Бикоски. Секако, во тој контекст треба да се спомнат Давор Шокоски, Стефан Лозаноски, Филип Адамчески, Мартин Карафилоски, Никола Стојкоски, Лео Дамчевски, Иван Ангелески, Стефан Христоски и ред други помлади ракометари. Мошне важно е што тука се двајцата Грузијци, Мириани Гавашелишвили и Реваз Чантурија, кој воедно е шеф на Стручниот штаб. Може да се очекуваат и нови, со кои во тек се преговорите.
До суперлигашкиот старт на 3/4 септември, во план се пријателски мечеви и организација на Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“.