Кога има нов тренер во екипата, има и нов стил на игра. Така било отсекогаш, така и есента 1975 година, кога во Втората југословенска лига – Исток Победа ја води тренерот Часлав Божиновски. Се работи за наметнување на т.н. тотален фудбал.
– Знам дека публиката негодува. Тоа не е само во спортот, ами и во другите области, кога се внесува некоја новина. Ваков фудбал бара денешното време, и ние мора да се носиме со времето – се објаснувањата на Божиновски во медиумите.
Какви се придобивките од овој начин на игра?
– Ваквиот стил можеби не дава можности Победа да постигне 50, но уште помалку да прими 52 гола, како што беше случај во минатото првенство. Овој стил не дозволува цели 90 минути да трчаат само два-тројца фудбалера, а другите да гледаат или повремено да потрчуваат.
Ваквиот стил бара голем играчки фонд, во кој не се само потврдените првотимци Тоде Тодороски, Ванчо Дрвошанов, Благој Митев, Методија Цветкоски, Јове Магдески, Гоце Момироски, Пеце Трајкоски, Иван Мечев, Гоце Манески, Ристо Глигороски, Живко Ѓорѓиоски, Стевчо Ангелов… Мора да има уште барем десетина такви.
– Затоа јас ги уигрувам сите 22 играчи, и не случајно сметам на сите нив. Прилеп има сили и затоа ќе има добар фудбал.
Победа и во оваа сезона го постигна опстанокот во второлигашкото друштво.