Синоќа во Париз беа прогласени најдобрите од сферата на фудбалот (Лионел Меси за најдобар фудбалер, Лионел Скалони за тренер), во чие гласање учествуваа сите селектори и капитени на репрезентациите од целиот свет. Меѓутоа, селекторот на Хрватска Златко Далиќ одби да гласа во изборот на ФИФА.
– Разочаран сум од односот на ФИФА кон хрватската репрезентација. … Меѓу 14 кандидати за најдобар играч освен Лука Модриќ, каде се Хрватите? Зар немаше место за Матео Ковачиќ кој стана светски клупски шампион и играше брилијантно на СП, за Јошко Гвардиол кој според мнозинството беше во изборот меѓу најдобрите 11 на СП, зар Доминик Ливаковиќ не заслужи да биде меѓу петте кандидати за најдобар голман по она што го направи на СП? Меѓу петте предложени тренери, кои сите со ред многу ги ценам, се и тројца селектори, но никој од нив нема изборено финале во Лигата на нации и медал на СП. Со голема почит кон успехот на Мароко и нивниот селектор, во двата меѓусебни дуела Хрватска имаше реми и победа во мечот за бронзата – смета Далиќ.