Денешното финале од плеј-офот на А-лигата на ОФС Прилеп и припадна на Кадица (Забрчани) со убедлив триумф од 3:0 над Стрела (Ерековци). Според ова, Кадица е првак и стекнува право да биде во Третата лига – Југ, ранг каде никогаш нема учествувано и покрај повеќедеценискиот стремеж.
Уште во првото полувреме се виде дека Кадица е подобар ривал, со поголема иницијатива. Нејзините напади беа поопасни. Така, падна првиот гол што го постигна Бобан Крстески. Во второто полувреме пак неуспешни обиди од страна на Стрела, а поголема умешност на напаѓачите од Кадица. На 2:0 зголеми Горан Базеркоски, па се потешко беше да се направи пресврт од противникот. Кога Крстески го даде вториот гол, за 3:0, јасно беше кој ќе биде победникот.
Успехот на Кадица го постигнаа: Васе Јанкоски, Михаил Ѓорѓиоски, Александар Димески (Валентин Трајкоски), Бобан Крстески, Горан Базеркоски, Амел Фетаховиќ, Рубинчо Велески, Александар Столески, Благојче Јорданоски, Михаил Карески, Дарко Аврамоски (Горан Арсоски), со тренерот Тони Котески, клупскиот претставник Панче Здравески.
Финалето помина во убава атмосфера, пред неколку стотици гледачи, во најдобар ред, што оправдува продолжување на традицијата за ваква завршница. Победничката екипа доби медали и пехар од рацете на секретарот на ОФС Прилеп Петре Илиоски, врачен на капитенот Александар Столески. Медали за спомен добија судиите Кирил Смоквоски, Марјан Смилкоски, Иле Мишески и Дарко Макалоски, како и делегатот Илчо Јорданоски.
ВИДЕО-ИЗВЕШТАЈ :