Колку убаво е за секоја тема да има дискусија, расправа, полемика. Секој да има право да го каже своето мислење, својот став, па да се види кој какви аргументи има. Но, тоа во ова најново време во сите области е реткост, а некаде воопшто го нема.
Така и во врска со Победа. Во отсуство на информации, соопштенија, изјави, дискусии – достапни за јавноста, природно е да кружи разногласие во врска со она што се случувало и се случува. Едни велат дека постои приватен бизнисмен кој сака да влезе за да ја поправи финансиската состојба во клубот, со свој тим за менаџирање. Другите велат дека тоа немало да се случи оти клубот требало да го водат тие што се заслужни за негово одржување во изминативе години. Трети мислат оти нема потреба од делење, туку сите заедно да се здружат и клубот го направат посилен. Ова е отприлика напишано, бидејќи што точно се зборува како став не е возможно да се наведе, со оглед на тоа што нема ништо напишано или кажано што може секој да го види, прочита или слушне. Сè е пренесено од еден на друг, на трет, и така стигнало до нас.
А илјадниците симпатизери не ги интересира толку ни кој е, ни кој ќе биде и дали ќе биде во клубот, туку многу повеќе им е важно какви резултати ќе има Победа во следнава второлигашка сезона.