Вечерва (19,30 часот) во салата од ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп се игра пријателскиот меѓународен кошаркарски натпревар на младинските екипи до 16 години, Мега баскет – Лариса. Гостите од Грција се на подготовки во Крушево и ја користат можноста да одиграат контролен меч во Прилеп. На тренинзите стручно им помага легендарниот некогашен кошаркар на Работнички, тренер на Работнички и МЗТ, Стерули Андоновски, ианку крушевчанец. Зад него е пребогатото искуство. Највисок дострел во играчката клупска кариера му е полуфиналето во европскиот КПК со Работнички во 1975/76, а има и европско сребро од 1966 со Младинската репрезентација на Југославија.
Неговото враќање во родното Крушево е можност за соработка со прилепскиот клуб Мега баскет, каде е некогашниот негов играч Сашо Костоски. Дознаваме дека во иднина честопати ќе доаѓа на тренинзите и натпреварите на клубот, во улога на тренер-советник, поддршка на Стефан Стевананџија и Сашо Костоски.
Мега баскет има две екипи – младинска до 16 години и сениорска.