Шахот е древна игра и преубав спорт, натпревар со употреба на умствените способности. За жал, има недостатоци во организациска смисла. Највисокото клупско натпреварување – Европскиот клупски куп (пандан на фудбалската Лига на шампионите), до последен момент немаше одредено точни парови – кој против кого во првата рунда. Пред неколку дена се мислеше дека Прилеп (76. рангиран) за противник ја има италијанската Падова (34.), за неа и беа подготовите, но вчера, кога прилепската екипа отпатува за Драч, на таблите седна против исландскиот Викинг. Тоа е затоа што се случиле промени. Сега, според стартното рангирање, Викинг е 33. место, Прилеп 75. меѓу 84 клуба.
Според очекувањата, Викинг победи со 4,5:1,5. Единствената победа ја постигна Дејан Ѓорѓиески на четвртата табла против фидемајсторот Пал Тораринсон, а реми изваде Алекс Насков на шестата табла со Гунар Рунарсон. За Прилеп настапија уште: ИМ Тони Кироски на првата, Кире Николоски на втората, Горан Готовуша на третата, Марјан Дамчески на петтата табла.
Вториот македонски претставник, скопски Гамбит (31. по ранг), постигна победа со 4:2 врз ирската Гонзага (73.). Во денешното 2. коло, Прилеп игра пак со исландски тим, Акурејри (54.), а Гамбит за противник го има Вугар Гашимов од Азербејџан (10.).