Завршува зимскиот преоден рок за фудбалерите. Во Фудбалскиот клуб Победа има промени. Заминаа: Иван Николоски (Саса), Јорданчо Наумоски (Пелистер), Беким Алимоски (Питу Гули) и Филип Димоски (Охрид), а дојдоа Александар Новески (Новаци), Марко Ристов (Кожуф), Глигор Шиков (Тиквеш), Тоше Беделовски (Пелистер), Марио Тасески (БВК Коњаре), Дестан Адили (Работнички) и Никола Сарески (Тетекс), но во последен момент со најава за уште тројца нови.
Од женскиот прволигаш Цевитана заминати се пет искусни, а дојдени пет млади фудбалерки, така што со значително подмладен тим ќе настапува напролет. Во овој момент, многу важно е што останува голманката Иман Шљиво од Босна и Херцеговина.
Што се однесува до третолигашкиот лидер Големо Коњари, засилен е со Антонио Шемкоски, Петар Петроски (Победа) и Илија Ристески (Росоман). Од останатите третолигаши најмногу нови има Ултрас – осуммина (нема заминат), Питу Гули има петмина дојдени – еден заминат, Младост од Кривогаштани е со четворица дојдени (ниеден заминат), Бучин со четворица дојдени (еден заминат), а Слога од Лажани има еден новодојден.
Промени има и во клубовите од општинските лиги, а таму интересно е што Кадино се засили со Зоран Котески (Питу Гули), а Кадица со Христијан Петрески (Преспа), двајцата некогаш соиграчи во Победа. Во врска со Футсал-клубот Победа, нови се тројца познати фудбалери од големиот фудбал: Далибор Рајевиќ, Роберт Димитријески и Нермин Каришиќ.
Пролетниот дел од Втората футсал-лига почна во саботата, Втората фудбалска лига стартува на 17 февруари, Првата женска лига на 2 март, Третата лига – Југ и Општинската А-лига на 10 март, Општинската Б-лига на 24 март.