Само наизглед цел месец е мирно во прилепската кошарка, по завршувањето на четвртфиналето од плејофот во Втората лига, во кој учество зеде тимот Мега баскет. Очигледно во клубот сериозно работат врз планот за следната натпреварувачка сезона.
– Нашиот клуб има стабилна финансиска основа, така што се надеваме дека ќе имаме две-три засилувања: две на центарската позиција, едно на плејмејкер или бек. Исто така, се надеваме дека кошарка ќе може да се игра во Универзалната сала или во друг соодветен објект, затоа што покрај второлигаш, ќе пријавиме и млад тим во Третата лига – најави Данаил Домлески, претседател на Мега баскет.
Нема одмор ни за тренерите и кошаркарите, особено помладите. Тие немаат престанато со тренинзи во салата на ООУ „Добре Јованоски“. Одморот од две-три недели најверојатно ќе биде по 1 јуни. А од Мега баскет најавуваат дека по 15 август почнуваат со упис на нови членови во младинските категории.