На 18 јули 2005 Победа имаше старт на подготовките. Пред првиот состанок и тренинг на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, свештениците, ставрофор Ацо Алинчанец и протојереј Златко Ангелески извршија осветување на новите соблекувални и канцеларии. Чинот го проследија Управата, тренерите, фудбалерите и група навивачи. Ставрофор Алинчанец пожелувајќи им на сите убава и бериќетна сезона со Божја помош, разговараше со стоперот од Нигерија, Сулаимон Аксен Омо.
– Омо, зошто не беше на церемонијата?
– Назад бев, не можев да се пробијам од луѓево.
– Дали си крстен?
– Муслиман сум.
– Не ти пречеше нашиов обичај?
– Не, Бог е еден за сите нас.
Претседател на Победа беше Александар Забрчанец – Ацуле, спортски директор Марјан Стојковски – Манта, секретар Влатко Димоски, директор на стадионот Димче Маркоски, секретар на стадионот Славица Ристеска. Шеф на Стручниот штаб беше Петар Курчубиќ, помошници-тренери Рибин Ѓорѓиоски и Круме Митрикески.