Предмалку заврши петтиот летен пријателски меч на Победа. Во Струмица, на Градскиот стадион „Благој Истатов“, Беласица – Победа. 2:1. Струмичаните победија иако прилепскиот тим имаше водство од 43. минута. Тогаш, според информациите од Струмица, за одземена топка се избори Лука Петејчук, додаде веднаш кон Амир Фејзуловски кој пробива оддесно и свртува пред домашниот гол, каде е Никола Талески чиј удар со нога ја тресе домашната мрежа за 0:1. Првото полувреме заврши со овој резултат и со оглед на цврстата гостинска одбрана на чело со голманот Антонио Столевски . Во вториот дел, како што е вообичаено, имаше многу измени. Струмичкиот тим успеа да ги искористи своите пет минути, па така во 70. и 75. минута го сврти резултатот во своја полза, за 2:1. Стрелци: Димче Јовов и Васко Глигоров. Пред крајот на мечот убавата шанса на Амил Табаковиќ преку удар со глава остана неискористена.
ПОБЕДА: Столевски, Ивчески, Ангеловски, Ѓурчиновски, Богевски, Да. Спиркоски, Д. Шаркоски, Фејзуловски, Н. Талески., Л. Петејчук, Ристов. Настапија уште: Миланоски, М. Талески, Тасески, Паскоски, Арифи, С. Спиркоски, И. Трајкоски. Кофиловски, Табаковиќ, Новески.
ПРОБЕН МЕЧ ЗА АНГЕЛОВСКИ
Во одбраната на Победа денеска настапи нов играч – Дамјан Ангеловски од Скопје. Млад фудбалер кој всушност одигра пробен меч. Останува да се почека дали ќе му пристапи на прилепскиот второлигаш.
Следни можни пријателски натпревари на Победа се со Борец в среда и со Брегалница в сабота, но зависат од ждрепката со распоредот за Втората лига која е в понеделник во Фудбалската федерација на Македонија.